За сите филмофили: Утре стартува Скопски филмски фестивал

plakat-vertikalen-sff-2015-preview

Од утре, (17 април) започнува годинашното издание на Скопскиот филмски фестивал, настан кој со нетрпение го очекуваа љубителите на седмата уметност. 18-то издание кое воедно на симболичен начин го одбележува „полнолетството“ на фестивалот, ни носи богата програма и содржини распоредени во осум фестивалски дена, во чии рамки ќе бидат прикажани повеќе од 60 филмови, многу гости, прес-конференции, како и работилници и мастеркласа.

Веќе по традиција, Скопскиот филмски фестивал ќе биде отворен со домашен филм, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, кој е направен во копродукција со Словенија и Чешка. Со режисерот, со главните актери Никола Ристановски и Верица Недеска, како и целата екипа, во која има уште триесеттина македонски актери, публиката ќе може да се сретне на премиерата која ќе се одржи во сабота на 18 април.

Освен македонскиот филм „Медена ноќ“, на отворањето премиерно ќе бидат прикажани и три филма од регионот кои се направени во копродукција со Македонија. Тоа се бугарскиот „Пресуда“ на Стефан Командарев, во кој игра Мики Манојловиќ, потоа словенечкиот „Инферно“ на Винко Модерндорфер, и двете социјални приказни. Третиот е хрватскиот „Такви се правилата“ на Огњен Свиличиќ, во кој копродуцент е Светозар Ристовски.

Огњен Свиличиќ е и гостин на фестивалот, кој ќе одржи работилница под наслов „Патувањето на херојот“. Инаку, „Такви се правилата“ е филм кој е направен по вистинска приказна за смртта на еден тинејџер во Хрватска. Премиерата на филмот беше во програмата „Недела на критиката“ во Венеција, каде што награда за главна машка улога му
беше доделена на Емир Хаџихафизбеговиќ.

Во главната програма македонската публика ќе има прилика да го погледне годинешниот добитник на „Златна мечка“, иранскиот филм „Такси“ на Џафар Панахи, кој се уште ја одлежува својата 20 годишна затворска казна.

Фестивалот годинава прикажува и три филма од Берлин кои се закитија со награди, мексиканското деби на Габриел Рипштајн во чиј филм „600 милји“ игра Тим Рот, потоа поласкиот „Тело“ на Малгоржата Шумовска, кој ја доби „Сребрената мечка“ за режија, како и германското деби „Викторија“ на Себастијан Шипер, кој доби награда за уметнички придонес во поглед на употребата на камерата.

Од Берлин ни доаѓа и германско-австралискиот филм „Еликсир“ посветен на бунтовните уметници, во кој игра македонската актерка Наташа Петровиќ.

Во оваа програма е и израелскиот „Судењето на Вивијан Амсалем“, потоа „Возвишен“ на Клаудија Љоса, неверојатна приказна за границите на љубовта кон своето дете, како и филмот „Турист“ на Рубен Остлунд, кој пак ги поигрува со границите на љубовта на човекот кон неговите најблиски, но и инстинктот за преживување. И од Кан ни доаѓа најубавиот филм од минатата година, „Тимбукту“ на Абдераман Сисако кој донесе вистинска поезија на екранот.

Од Програмата на светски филм го издвојуваме францускиот трилер на Андре Тешине „Човекот што премногу љубеше“, унгарскиот „Белиот бог“ на Корнел Мундрузо и данскиот „Тивко срце“ на ветеранот Били Август. Во програмата на авторски филм се и новиот филм на Абел Ферара, Гај Маден, Џесика Хауснер, како и „Диви приказни“ на Дамијан Шифрон.

Специјален гостин на фестивалот е големиот ирански режисер Мохсен Макмалбаф, најзначајна фигура во иранската кинематографија, кој е и предводник на новиот бран и еден од највлијателните светски филмски режисери на денешнината.

Се на се, богата програма во која може да се пронајде по нешто за сечиј вкус. Одберете ги вашите омилени филмови, пронајдете ги во распоредот на официјалната страница, и започнете го осумдневното филмско уживање.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *