Слободата на говор и „независните“ медиуми во Македонија

ff_966

Не е воопшто чудно што македонскиот народ после немилите настани од изминатите два дена се уште е обиколен со прашалници. Илјадници телевизии, портали и весници, а ниту еден – медиум.

Бомбардирани сме со „вести“ кои прават сè освен што не информираат. Телевизиските куќи „тегнат“ или на едната или на сосема другата страна, изнесувајќи еден тон шпекулации на местото на вистинските факти кои очигледно недостигаат. И повторно прашалници, а на местото на одговорите само празни зборови. Улогата да се пренесе информацијата до аудиториумот е одамна заменета со други, поинакви задолженија.

Долго време сме сведоци на ваквите ситуации, но овој начин на пренесување во последните неколку денови кои беа и тоа како стресни за сите граѓани на Македонија, ги помина сите можни граници. Таканаречениот „јавен“ сервис не додржа да и дозволи на публиката да ја погледне и чуе целосната прес-конференција на која говореше премиерот Никола Груевски, па на делот со прашањата, бесрамно го прекина преносот, и ја спречи јавноста да погледне нешто што не е дел од зацртаното сценарио, и да ризикува со спонтани ситуации. Од друга страна пак, информативните медиуми од калибарот на „Либертас“ и слични на ним, не бомбардираа со безначајни вести составени од една или две реченици, чија веродостојност се базираше на претпоставки, статуси од социјални мрежи и „анонимни извори“, а најстрашно беше кога започна да се шири веста дека истрели започнале да се слушаат и во Арачиново. За среќа, ваквата вест беше неточна, но штетата беше направена, па стравот и паниката станаа уште поголеми.

Сепак, врвот на „професионалното информирање“ го достигна тимот на телевизијата „Канал 5“, која два пати во помалку од два дена, прекина разговор со соговорник чие мислење беше поинакво од политиката која тие ја сервираат. Со самото ова тие уште еднаш по не знам кој пат покажаа дека се само сервис кој наместо да им служи на граѓаните, е марионета на високите владеачки групи.

Срам за сите уредници и новинари кои ја злоупотребуваат својата функција за реализирање на сопствени цели и интереси, или пак прифаќаат да бидат дел од ваквата приказна. Срам за сите спин-доктори кои се кријат зад маската на „новинари“, и ја гасат или потиснуваат желбата за професионалност кај нивните помлади соработници. Срам за истражувачкото новинарство во Македонија, кое за жал, поради низа фактори, веќе подолго време не постои.

Слава им на загинатите борци за Македонија и сочувство до нивните семејства.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *