Shakespeare and Company – прекрасната книжарница лоцирана во срцето на Париз

ShakespeareCoParis

Shakespeare and Company, прекрасна книжарница сместена во самото срце на Париз, прогласена за една од 10 те најубави книжарници во светот. Се наога близу до Латинскиот кварт и има поглед кон реката Сена. Книжарницата ја основал Џорџ Витман уште во далечната 1951. Првичното име на книжарницата било Ле Мистрал, за подоцна Витман да ја преименува во Shakespeare and Company.

Уште од првиот момент кога била отворена книжарницата сопственикот им дозволувал на млади писатели, минувачи и посетители во замена за престој да помагаат во книжарницата со продавање книги, чистење на полиците и на книжарницата.

Условот за да имаат престој таму било да читаат по една книга на ден за време на нивниот престој, два дена биле дозволени само за поголеми книги, и да се вклучат во продажбата во книжарницата работејќи по 2 часа. Се што барал тој од своите гости било да достават своја биографија и нивна фотографија.

Во неделните утра тој традиционално готвел палачинки за неговите гости, варејќи сируп направен од прегорен шеќер и вода. Витман е интернационално забележан кога документарецот „Portrait of a Bookstore as an Old Man“ (Портрет на книжарница како стар човек) направен од страна на Гонзаге Пичелин и Бенџамин Сутерланд, бил прикажан на Sundance Channel во есента 2005. На крајот на филмот, Витман си ја скратил косата користејќи пламен од свеќа – тој си ја запалил косата, а потоа го изгасил огнот. Во среда, Септември 26, 2007, приказната на новинарот Гери Хаден за Џорџ Витман, неговата ќерка Силвиа Бич Витман, и Shakespeare & Company се прикажал на The World на каналот NPR (ко-продукција со BBC, Public Radio International (PRI), и Boston Radio Station WGBH).

За љубителите на пишаниот збор ова место може да се каже дека е вистински рај.

Кога влегувате внатре можете да почувствувате дека влегувате во некој друг свет, свет на магија во кој просто можете да се изгубите. Автентичен е мирисот на стари книги, но нормално не се изоставени ни новите. Книжарницата е поделена на два ката. На горниот кат има соба со пијано и за сите љубители на музиката коишто имаат дозвола самите да ги испробаат звуците на клавирот, и посебна соба во која читателите можат да поминат некое време одбирајќи ја својата книга.

Нејзината убавина не е само во автентичниот мирис на старите книги, туку шаренилото кое го има таа во себе. Shakespeare and Company веројатно е една од најпознатите и најубавите независни книжари низ светот. Понекогаш надвор можете да затекнете јавни читања на поезија од автори кои ги промовираат своите книги, или пак музичари кои решиле да им го разубават престојот на луѓето додека ги купуваат омилените книги. Во чест на сопственикот има посебна соба во книжарницата каде што може да се најде неговата машина за пишување и неговите белешки. Книжарница е сопственик на просторот кој се користи, и поради убавата локација многу пати добивале понуди за откупување на книжарницата, но тие секогаш ги одбивале, па дури и оние најупорните. Често се случува надвор пред книжарницата да можат да се најдат книги кои веќе биле користени по релативно ниска цена. Оваа книжарница изобилува со одлични бои и прекрасна атмосфера, затоа кога ќе помислите на Париз, не мислете само на Ајфеловата кула, туку сетете се на оваа прекрасна книжарница во срцето на Париз и најдете време да ја посетите. Одлична опција е тоа што откако ќе купите книга Ве прашуваат дали сакате да го имате печатот на книжарата во вашата книга.

Тоа е интересен начин засекогаш да се сеќавате каде сте ја добиле таа книга, и исто така прекрасен начин за да ја почнете вашата авантура помеѓу книгите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *