Полска 2016: Македонија против домаќинот во второто коло

132467083

Македонската ракометна репрезентација, в недела, во второто коло на Европското првенство ќе игра против домаќинот Полска. Македонија во овој дуел влегува по поразот од Франција (30:23), во петокот, додека Полска во драматичен меч успеа да извлече победа над Србија (29:28).

Македонија, в недела, покрај фаворизираната Полска, против себе ќе ја има и 15-илјадната публика во „Таурон арена“ во Краков. Токму публиката и голманот Шмал беа „X факторот“ за полската победа над Србија.

Од друга страна македонските ракометари одиграа „машки“ против Франција, 51 минута беа егал со актуелниот европски, светски и олимписки шампион, но во последните девет минути падот во играта на нашиот тим ‘триколорите’ немилосрдно го казнија, па конечниот резултат не е реален одраз на силите.

Македонија против Полска, кога се во прашење големите натпреварувања, ја има традицијата на своја страна, овдешната јавност, но и најголемиот дел од ракометарите сеуште ги паметат победите над Полјаците на СП во Хрватска и на ЕП во Србија.

Полска против Србија покажа одредени слабости, особено во одбраната, а ниту првиот голман Вишомирски немаше свој ден, па Полска од пораз ја спаси ветеранот Шмал. Во нападот Полјаците најчесто постигнуваа голови од бековските позиции (Бјелицки, Јурецки).

Македонија, од друга страна, доколку сака позитивен резултат, ќе мора да одигра на високо ниво во текот на целиот натпревар, односно онака како што одигра против Франција 50 минути, ќе мора технички грешки во нападот да ги сведе на минимум и Кире Лазаров во нападот да добие поголема поддршка од соиграчите.

Селекторот Ивица Обрван реши да направи една промена во пресрет на мечот со Полска, Филип Лазаров кој се оправи од повредата на препоните ќе биде во тимот, а во протоколот нема да биде Жарко Пешевски.

Инаку, последниот тренинг пред мечот со Полска, го следел и познатиот коментатор на ЕХФ, Том О’Бранаган, кој направи мини интервју со ракометарите, поточно тие одговараа на прашањата кои фановите им ги поставиле преку Twitter. Одговорите можете да ги погледнете во приложеното видео

Натпреварот Полска-Македонија ќе започне во 20:30 часот во „Таурон арена“ во Краков, каде претходно ќе се одигра натпреварот Србија-Франција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *