Оскари 2015: Дали ќе има изненадувања?

oscar-awards

Ако се суди според пишувањата на американските медиуми, голем дел од годинашните добитници на Оскар веќе се познати.

Дали нивните предвидувања навистина ќе се остварат останува да се види во недела вечер, но она што со сигурност може да се каже е дека годинашниот избор е значително послаб во однос на минатата година.

На стартната линија во трката за златната статуетка на 22 февруари се наоѓаат осум остварувања меѓу кои го нема она што публиката највеќе го сака – блокбастери. Го нема „Gone Girl“, „Interstellar“, „Guardians of the Galaxy“.

Меѓу финалистите има четири биографски остварувања: „American Sniper“, „Selma“, „The Theory of Everything“ и „The Imitation Game“ и четири фикции – „Birdman“, „Boyhood“, „The Grand Budapest Hotel“ и „Whiplash“.

Иако „Birdman“ и „The Grand Budapest Hotel“ имаат најмногу номинации, на семејната драма „Boyhood“ и се даваат најголеми шанси да го добие Оскарот за најдобар филм.

Проектот на Ричард Линклејтер, кој е сниман во период од 12 години со истите актери, секако претставува еден од најважните филмски подвизи, а некои критичари го сметаат за најважно остварување на милениумот.

Во категоријата за најдобар режисер номинирани се Вес Андерсон (The Grand Budapest Hotel), Алехандро Инјариту (Birdman), Ричард Линклејтер (Boyhood), Бенет Милер (Foxcatcher) и Мортен Тулдум (The Imitation Game).

И покрај бујната и дива имагинација манифестирана во делата на Андерсон и Инјариту, според критичарите, тие нема да освојат Оскар, туку трофејот ќе отиде во рацете на Линклејтер.

Речиси сите се сложуваат дека Оскарот за најдобра главна улога е веќе „резервирана“ за Мајкл Китон (Birdman) во машката и Џулиен Мур (Still Alice) во женската категорија.

Освен Китон, за Оскарот сè уште може да се надеваат и Стив Карел (Foxcatcher) и Бредли Купер (American Sniper), двајцата одлични млади Британци – Бенедикт Камбербеч за улогата на математичарот Алан Тјуринг (The Imitation Game) и Еди Редмејн за улогата на Стивен Хокинг (The Theory of Everything).

Многу критичари сметаат дека меѓу номинираните требаше да се најдат и Дејвид Ојелово (Selma) и Џејк Џиленхол (Nightcrawler).

Покрај Мур, за Оскарот за најдобра глумица се натпреваруваат уште четири извонредни дами: Марион Китијар (Two Days, One Night), Фелисити Џонс (The Theory of Everything), Розамунд Пајк (Gone Girl) и Рис Видерспун (Wild).

Наградата за најдобра споредна машка, односно женска улога е малку понеизвесна. Во првиот случај се очекува Оскарот да го понесе Џ.К. Симонс за улогата на строгиот професор во музичкиот филм „Whiplash“. Плановите може да му ги помати ветеранот Роберт Дувал (The Judge), Итан Хоук (Boyhood), Едвард Нортон (Birdman) и можеби најмногу Марк Рафало (Foxcatcher).

Кај глумиците предност има Патриша Аркер (Boyhood), но веднаш зад неа се и Лора Дерн (Wild), Кира Најтли (The Imitation Game), Ема Стоун (Birdman) и Мерил Стрип (Into the Woods) на која ова би и бил четврт Оскар во кариерата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *