Интервју со Кирче Ристевски: Оној кој е доволно мотивиран, се согласува на сите предизвици

10306731_10204288516801429_2746250485341941168_n

Младиот Битолчанец Кирче Ристевски, е продукт на школата на фудбалскиот клуб „Пелистер“, и  од најрана возраст е во постојан стремеж кон нови успеси и предизвици. Во интервју со него, дознаваме нешто повеќе за неговите професионални желби и успеси, ставови и приватен живот.

 Од кога ја пројави љубовта кон фудбалот и какви беа твоите почетоци во фудбалската кариера?

– Се започна од така наречената „улична школа“ онаа на улицата , од која верувам и повеќето фудбалери започнале , и без која верувам дека не може да се успее. Моето прво професионално искуство беше во ФК Пелистер – Битола , како што е всушност и на многумина Битолчани“.

Ти си еден од репрезентативците кои на својот грб го носеле името на македонската репрезентација. Какво е чувството да се биде капитен и да се предводи репрезентацијата во Полска?

– Да се биде капитен на националниот тим а воедно и да се носи на својот грб името на македонската репрезентација е навистина неописливо. Но пропратено со одговорност која ни малку не е помала од одговорноста на моите соиграчи во целост.

Изминатото лето имаше можност да учествуваш на подготовките во Грција , со еден грчки тим кој е на добар пат наредната сезона да биде во елитната грчка лига. Кога ќе направиш компарација, која е разликата и што се нам како земја ни е потребно за да го достигнеме и тој меѓународен успех?

– Разликата е видлива , резултатите низ евро-сцената повеќе од доволно говорат за тоа. Она што нам ни е потребно сметам дека е подобра инфраструктура, услови , повеќе влог на материјалните средства и реорганизација.Исто така сметам дека македонскиот фудбал не смее да се потценува , земајќи го предвид капацитетот на многу млади Македонци. Иднината ја гледам токму во нас , и во времето каде талентите ќе се ценат повеќе од се друго преостанато.

Во моментов се наоѓаш во една нова фудбалска средина , во екипата на фудбалскиот клуб „Силекс“. Кои се твоите впечатоци?

– Моите први впечатоци се одлични. Од аспект на тоа што нивото на организација кореспондира со нашите македонски стандарди и услови. Нашиот тим е целосно мотивиран за да напредува и максимално ги искористува дадените услови, со цел да создаде и подобри.

Кој е твојот сон?

– Мојот сон е да бидам среќен.

Колку е потребно еден човек да вложува и да ризикува за да успее?

– Самиот влог во секој сегмент на животот си носи и свој сопствен ризик. Големината на влогот пропорционално дејствува и со зголемување на ризикот. Но она што треба е секогаш да ги согледуваме и страните на можниот успех. Затоа верувам дека оној кој е доволно мотивиран, се согласува на сите предизвици кои ги нуди животот.

Познат си како еден од ретките кои успеваат бидејќи максимално се вложуваат во развивањето на својот талент. Колку во фудбалот е доволно да го поседуваш само талентот?

– Она што го правам и го сметам за правилно е, токму тоа вложување на сопствениот максимум на фудбалскиот терен. Талентот е само 5 % од целата игра, другото се преостанува на мотивот на работата. Секако, тука влијаат и многу други фактори , како на пример колкав е придонесот на самите клубови и нивниот максимум. Сметам дека во Македонија талентот е сосема доволен доколку има некој што ќе го препознае.

Кои се твоите очекувања во иднина во врска со фудбалот?

– Ќе започнам од зборовите на Опра Винфри дека „Во животот го добиваме она кое што имаме смелост да го побараме!“ Се надевам секогаш на подобро. Вербата во Бог и неговата волја пред се!

Дали си заљубен ?

– Да , и сметам дека успехот е неминовен ако покрај себе ја имате ја имате личноста која е постојано покрај вас и ве подржува во она што го правите.

Веруваш ли во себеси ?

– Да , и верувам дека тоа е еден многу важен сегмент кој секој човек мора да го поседува за да успее! Најтешката борба е борбата со самите себеси , а потоа онаа со противникот на терен. Кога веќе ќе успееме во првата , втората ни ја дава за возврат победата. Предизвикот секогаш е голем, но амбициите се оние кои треба да го надминат. Пехарот не е тежок за подигнување во рацете , тежок е периодот пред да се подигне истиот тој пехар. Тимската работа , подршката од тимот , целокупната мотивација од тренерите , и онаа од самите нас како поединци. Сето тоа го гради темелот на она што се нарекува успех.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *