Детскиот роман „Нино во тајниот свет на шумата“, од агол на авторката Маре Кежароска

11169006_948338658544875_215900655_n

Романот „Нино во тајниот свет на шумата“ на Маре Кежароска е дело посветено на најмладите читатели – децата.

Приказаната за малечкиот Нино е приказна за растењето, победувањето на стравот, надминувањето на болката и желбата да му се помогне на другарчето во неволја.

Нино, главниот лик во романот е малечко осамено и тажно дете кое еден ден шетајќи се во блиската шума заедно со своето куче перниче Доки, наидува на едно големо дрво со прекрасна крошна. Желбата да се качи на дрвото е поголема од стравот од височина. Нино се качува на дрвото и таму на дрвото меѓу гранките открива мала дрвена куќичка и тука започнува се…. Тој одеднаш се наоѓа во еден за него непознат свет, свет исполнет со џуџиња и самовли. Сите заедно ја штитат шумата од лошата вештерка Злоба. И во таа бескрајна борба меѓу доброто и злото Нино ќе тргне на пат полн со предизвици, другарувања, но и опасност….

11169006_948338658544875_215900655_n
Содржината јасно му ја открива пораката на секое дете дека треба длабоко да верува во себе. За процесот на создавање на детскиот роман „Нино во тајниот свет на шумата“, прочитајте во редовите подолу, од аголот на самата авторка, Маре Кежаровска:

Маре, што Ве поттикна да напишете детски роман? Од каде црпевте инспирација?

– Отсекогаш сакав да пишувам разни текстови, но најголем поттик за да ја напишам книгата ми беше една објава од дневните весници. Стануваше збор за некаков конкурс за детски роман, и пишуваше дека за жал во Македонија сè помалку и помалку има нови автори кои творат за деца. Инспирацијата пак, ја црпев од енергијата на моите деца и нивната моќ од миг во миг да се трансформираат во други ликови и да навлегуваат во други светови, очигледно поинтересни за нив.

Колку време ви беше потребно за да го напишете делото?

– Приказната ја пишував неколку месеци. Пишував, па престанував некое време, и потоа пак продолжував. Така, се до крајот.

Што ја прави оваа книга посебна?

– Па мислам дека енергијата на малечкиот Нино, главниот лик. Неговата желба да се искачи на дрвото и да го победи стравот од височини, желбата да им помогне на пријателите и стравот од лошата маѓепсничка. Во книгата, главниот лик расте пред очите на читателите, оставајќи им порака дека ако се сака навистина, сè се може.

Како би ги опишала читателите кои сметате дека би уживале во ова дело?

– Оваа приказна е наменета за децата но, јас длабоко верувам дека и возрасните би уживале читајќи ја. Своите читатели-децата, би ги опишала како личности полни со живост и радост, фантазија, стравови, и очекувања и невозможното да го направат возможно низ нивната игра.

Кое е вашето најголемо книжевно влијание?

– Порано, ги обожавав авторите од реализмот: Толстој, Балзак… Како дете, омилена книга ми беше „Хајди“ од Јохана Шпири. Не паметам колку пати ја имам препрочитано. Денес омилен автор ми е Калед Хусеини, неговите книги „Летач на змејови“ и „Илјада неверојатни сонца“ ме оставија без здив. Го сакам и Тони Парсонс, Пауло Коелјо, и уште многу други…


Романот „Нино во тајниот свет на шумата“ е поддржан од Стопанска банка АД Скопје, во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“. Промоцијата ќе се одржи за време на саемот на книга на Скопски саем на 09.05.2015 од 12 до 13 часот.Книгата ќе биде изложена на штандот на издавачката куќа „Ѓурѓа“ за целото времетраење на саемот од 05.05.2015 до 11.05.2015 година.

Block.com.mk и посакува уште многу испишани страници на авторката Маре Кежароска, и бројни објавени дела и книжевни успеси.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *