„Cloud Town“ – уникатен звук на домашната музичка сцена

photo 1

Во последно време се поретко гледаме свежи бендови кои можат да се пофалат со посветеност, инвентивност и креативност. Секоја чест на исклучоците од алтернативната сцена кои и покрај тешките услови и околности со кои се соочуваат секојдневно, покажуваат упорност и идеја во она што го создаваат.

„Cloud Town“ се млад состав од Скопје кој изминатите денови ги објави нивните две први песни, со кои ни ја враќаат вербата во квалитетот и трудот на домашните артисти. Не потсетувајќи на ниту еден друг бенд од нашите простори, „Cloud Town“ создаваат смирувачки звук кој ве води низ релаксирачка тура на „замаглениот град“. Повеќе за нивната идеја, цели, интереси, како и за учеството во Converse Rubbertracks натпреварот, читате во интервјуто подолу.

Како и кога дојдовте до идеја да го формирате овој музички проект?

– „Cloud Town“ започнува со работа пред речиси една година како соло проект и постепено се развива во денешната форма. Идејата не е и никогаш нема да биде формална, заедно сме да ги исцрпиме сите наши креативни капацитети и секојпат да се најдеме на убавото место кое создавањето на музика ни го овозможува.

„Cloud Town“. Зошто се одлучивте токму за ова име?

 – „Cloud Town“ се појави во период кога Скопје беше „градот облак“ повеќе и од Лондон. Периодот се поклопи со нашиот креативен бран и значењето кое тој „временски трејдмарк“ го има за нашиот звук успеа да нè именува со ова прекрасно име.

Photo 2

Колку членови брои бендот и како се вкрстија вашите патишта?

– Во моментов сме тројца. Димитрије Марковиќ, Дамјан Ѓорѓиев и Ребека Влаисављевиќ се сегашниот и генерален состав. Бендот дефинитивно ќе се здобие со големо проширување но тоа ќе се одвива внимателно и постепено со цел да успееме да ја одржиме креативната хемија која постои меѓу нас. Во моментов функционираме одлично, постојано успеваме да се изненадиме самите себеси и со одржување на ваква атмосфера веруваме дека ќе успееме да си ги исполниме очекувањата со нашето деби издание.

Дали кога го почнувавте проектот знаевте конкретно во која музичка насока ќе го водите или пак вашиот стил се кристализираше постепено во текот на музицирањето?

– Нашиот музички вкус доаѓа од културолошки неограничена позадина и се надеваме дека ќе успееме да ја прикажеме нашата разноликост како позитивна доблест. Во сржта ни е да експериментираме, пробуваме и бесконечно да си играме со можностите пружени од денешното време – кристализацијата на нашиот звук допрва ќе се создава.

Каква музика слушате во слободното време и кои артисти ви претставуваат најголема инспирација?

– Сите сме „манијаци“ кога станува збор за нова музика – постојано ни требаат нови и свежи артисти за слушање. Динамични сме и не го анализираме туѓиот труд до бесконечност но во секој случај ги имаме нашите малубројни херои. Damon Albarn од Gorillaz и Blur, RJD2, Morcheeba и Moby несомнено се иконите на интелигентниот и модерен звук.

Во рок од една седмица се претставивте на публиката преку две ваши песни. Најпрво со „Tokyo“, а неколку дена подоцна и со „The Lounge Room“. Кажете ни најпрво нешто за Tokyo. Како одеше процесот на снимање?

– „Tokyo“ е песна која одмораше во звучната фиока околу една година. Голем дел од инструменталниот состав беше направен, но никогаш не решивме да ја форсираме. Кога дојде вистинскиот момент целиот тек се постави сам по себе.

Во вториот сингл „The Lounge Room“ имате две гостувања – шведскиот MC Jonin и DJ Drama од скопскиот состав „Зад аголот“. Како дојде до оваа соработка со оглед на тоа што Jonin не е од овие простори?

– Jonin лично го познаваме. Во неговиот широк спектар на места на живеење се наоѓа и Скопје каде што воедно се запознавме. DJ Drama од Зад Аголот и е добро познат на домашната публика, знаевме дека соработката со него ќе биде професионална и дека тоа ќе ни биде една од подобрите одлуки.

Со истата песна се пријавивте и на музичкиот натпревар Converse Rubber Tracks. За каков натпревар конкретно станува збор и која е најголемата придобивка која вие како млад бенд можете да ја „извлечете“ од истиот?

– „Converse“ се бренд кој отсекогаш одел симултано со музичкиот свет. Го создаваат „Rubbertracks“ како одзив на старошколската догма која е врзана за нив веќе долги години додека тие постојано се движат со актуелната музичка сцена. Решаваат да изградат студио во Бруклин, Њу Јорк (за сите останати градови и земји изнајмуваат истакнати локални студија) и во разни периоди од годината нудат бесплатни студиски сесии на неколку избрани артисти. Целиот снимен материјал од страна на нивните продуценти останува во сопственост на артистите. Кампањата постепено им преоѓа во традиција и ја организираат во одредени периоди за различни географски подрачја. Моментално се одвива „Converse Rubbertracks Novi Sad“ кој ги вклучува сите поранешни Југословенски држави каде најистакнатите пријавени артисти ќе снимаат со истите матични Бруклински продуценти во студиото на Радио Телевизија Војводина (Нови Сад). Заради слободоумниот организациски принцип на овој настан се пријавивме како конкуренти и се надеваме дека ќе успееме да влеземе во студиото на „РТВ“ под вакви одлични околности.

Какви се плановите за понатаму. Имате ли уште материјал подготвен за издавање и дали веќе имате некаков план во однос на деби абумот на „Cloud town“?

– Блиску сме до финиширање на материјалот за деби албумот но тоа го правиме многу претпазливо. Како прво јавно прикажување, тој мора во потполност да го искажува тоа што сакаме да го пренесеме и максимално се трудиме сè да се одвива како што е планирано.


Block.com.mk и понатаму ќе го следи развојот на кариерата на овој млад состав кој ветува, а доколку и на вас ви се допаѓа како звучат „Cloud Town“, поддржете ги на натпреварот на „Converse Rubbertracks Novi Sad“, со клик –  тука!

Многу среќа дечки!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *