Годинашниот добитник на наградата за Дизајн на годината од Лондонскиот музеј за дизајн е новиот изум „Organs-on-Chips“ кој би можел да доведе до револуционерни промени во нашите животи. Станува збор за пластичен чип кој го имитира функционирањето на човечките органи.
Идејата за овој изум доаѓа од институтот „Wyss“ на Харвард и тој функционира на тој начин што се набљудува како реагираат клетките на различни органи кога со помош на чипот се пропушта воздух, крв, хранливи материи и бактерии низ микрофлуидни цевки.
Се смета дека овој изум ќе биде корисен кај тестирањето на безбедноста и делотворноста на различни медицински третмани, лекови и козметички производи. Исто така се очекува крај на употребувањето на животните во експериментите, како и побрзо пронаоѓање на нови лекови и намалување на трошоците за лекување.