11 начини да го сочувате здравјето на очите

shutterstock_128763254

Со цел да ги отстраните лошите навики кои го засегнуваат вашиот вид и да го одржите доброто здравје на очите, неопходно е да се придржувате кон следниве совети:

1. Одржувајте здрава телесна тежина. Прекумерната тежина го зголемува ризикот од развивање на некои состојби како дијабетес. Една од негативните последици на дијабетесот е појавата на компликации со видот.

2. Кога работите на компјутер, следете го правилото „20-20-5“. Вашиот компјутер може да работи по 24 часа без прекин, но не и вие. Вие не сте машина. На секои 20 минути зјапање во екранот, правете 20 секунди пауза, гледајќи во предмет кој е оддалечен 5 метри од вас. На тој начин ќе им ја дадете на очите потребната пауза и ќе го избегнете заморот.

3. Не ги избегнувајте очните прегледи. Повеќето луѓе бегаат од очните прегледи со различни изговори како „Порано имав проблеми со видот, но сега сè е во ред“ или „Гледам како сокол, не ми треба очен преглед“. Вистината е дека добриот вид не се состои само од вашата способност да читате, да го гледате патот, сообраќајните знаци и природата околу вас. Реално може да имате очен проблем без да сте свесни за тоа. Затоа, следниот пат не ги заобиколувајте прегледите кај офталмологот, туку побарајте го неговото стручно мислење.

4. Редовно мијте ги рацете за да избегнете очни инфекции. Кога рацете ќе дојдат во контакт со нечист предмет, тие стануваат носители на бактерии, па во допир со окото лесно можат да предизвикаат инфекција. Ризична група се корисниците на контактни леќи поради честиот контакт на рацете со очите. Ако спаѓате во оваа група, од исклучително значење е миењето на рацете пред ставањето и вадењето на леќите.

5. Не заборавајте да трепкате додека гледате ТВ или седите пред компјутер. Лесно е да се занесете во омилената серија или да се задлабочите во интересна содржина на интернет, па да останете со ококорени очи подолго време. Потсетувајте се дека морате да трепкате за да ги заштитите очите. Трепкањето ги мие очите со природни солзи и го спречува сушењето.

6. Никогаш не користете стара или туѓа шминка за очи. Шминките за очи не траат вечно. Иако сенките за очи изгледаат убаво и по 2-3 години, не значи дека е разумно да се користат. Маскарата е уште попроблематична и не се препорачува да се користи повеќе од шест месеца по отворањето. Ако забележите промена во мирисот и текстурата на шминките, веднаш ослободете се од нив. Преку навременото менување на шминките вие го намалувате ризикот од инфекции. И уште едно предупредување: Никогаш не користете туѓа шминка за очи и не ја споделувајте својата, независно дали станува збор за вашата братучетка или најдобрата пријателка.

7. Дознајте ја здравствената историја на вашето семејство. Прашајте ги поблиските членови од вашето семејство дали некогаш им било дијагностицирано очно заболување. Многу е важно да ја познавате историјата на болести во вашето потесно семејство, затоа што некои од нив се наследни. Оваа информација ќе ви покаже дали ризикот од појава на очна болест кај вас е зголемен или не.

8. Внимавајте на светлината и растојанието додека читате. Можеби ви се случило додека читате книга да почувствувате главоболка и истоштеност. Најчеста причина за тоа е очниот замор, предизвикан од недоволно осветлената просторија или од неправилното растојание меѓу вашите очи и книгата. Кога читате, книгата треба да биде оддалечена од очите околу 15 см. Колку поблиску е таа, толку потешко им е на очите да се фокусираат на испишаните редови. Читајте во добро осветлена соба, но не треба изворот на светлина да е насочен директно кон вашето лице.

9. Не ги тријте очите ако ви влезе прашна или друго страно тело. Крвничкото триење на окото додека во него има страно тело може да доведе до негово иритирање или оштетување на нежната мрежница. Прво, прегледајте го окото за да видите дали ќе го забележите проблематичното тело за да го отстраните. Ако не успеете да го видите, а не чувствувате силно гребење, затворете го окото и нежно трепкајте. Оставете ги солзите да си ја завршат својата работа и да ви го „измијат“ окото. Доколку чувствувате силно гребење, не трепкајте силно, бидејќи може да направите поголема штета. Во ваков случај, најдобро е да го измиете окото со вода.

10. Откажете ги цигарите за да го намалите ризикот од очно заболување. Ако опасноста од рак на јазикот, рак на белите дробови, пожолтување на прстите и многуте други последици од пушењето не ве мотивираат доволно за да ги откажете цигарите, има уште една дополнителна причина. Имено, пушењето влијае негативно и на видот, со тоа што го зголемува ризикот од катаракта, макуларна дегенерација и оштетување на очниот нерв. Па, зошто не ја оставите оваа штетна навика уште веднаш и да избегате од канџите на порокот наречен пушење?

11. Обидете се да спиете осум часа на ден. И на очите како и на останатите делови од вашето тело им е потребен одмор. Недоволното спиење лесно може да доведе до очен замор, па препорачливо е да си подарувате 7-8 часа квалитетен сон.

Вежба за одморање на очите:

Спојте ги дланките и истријте ги една од друга за да се затоплат. Затворете ги очите и покријте ги со дланките. Останете во таа положба 1 минута. Ако ви е заморно, потпрете ги лактите на тврда површина.
Оваа вежба е одлична за намалување на напрегнатоста и за релаксирање на очите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *